(Видео) Погреб место свадба, медицинска сестра загина во експлозијата во Бејрут, младоженецот неутешен

Дваесет и четиригодишната медицинска сестра од Бејрут, Сахар Фарес, загина во неодамнешната експлозија која се случи во либанската метропола. Сахар била со пожарникарите кои загинаа во експлозијата што се случи во вторникот.

Нејзиното семејство и свршеникот во четвртокот ѝ приредија свадба што никогаш нема да ја имаат. Настанот бил организиран исто така како што е обичај за либанските свадби, само што невестата овој пат била во ковчег.

Музичарите во свечена златна облека свиреа додека пожарникарите го носеа белиот сандак кон мртовечницата, а членовите на семејството фрлаа ружи.

Нејзиниот свршеник Гилберт Каран го носеа на раменици додека плачејќи се поздравуваше со својата сакана.

„Сè што сакаше ќе биде почитувано, само ќе те нема тебе во бел фустан. Ми го скрши срцето, љубов моја. Животот нема да има никаков вкус без тебе“, напишал Каран на социјалните мрежи пред церемонијата.

Сахар го повикала својот свршеник во вторникот за да му го покаже големиот пожар што избувнал покрај пристаништето. Со оглед на тоа дека во тој момент никому не му била потребна медицинска помош, таа седела во противпожарното возило набљудувајќи ги колегите кои се бореле со огнот.

Кога огнот се распламтел, таа излегла од камионот за да му ја долови подобро сликата на својот свршеник. Му кажала дека слуша некакви чудни звуци, кои претходно ги немала слушнато. Свршеникот ја замолил да се засолни, нешто што и го направила, но било предоцна.

Последното нешто што Гилберт го видел на видеото биле нејзините чевли додека таа се обидувала да се засолни. Потоа се случила експлозијата, пишува „Њујорк тајмс“.

„Моја преубава невесто. Нашата венчавка требаше да се одржи на 6 јуни 2021 година. Наместо тоа, ќе се одржи утре. Те сакам, те сакам и секогаш ќе те сакам сè додека повторно не бидам со тебе и ќе продолжиме по заедничкиот пат“, напишал Гилберт во средата.

Тага и сочувство поради трагичната судбина на младата Сахар на социјалните мрежи изразија голем број луѓе од целиот свет нарекувајќи ја либанската невеста.