(Видео) Полицаец избричи бездомник за да му помогне да добие работа

Полицаецот Тони Карлсон му помогнал на бездомникот Фил да се избричи за да добие работа. Тој го затекнал Фил на бензинска пумпа како се обидува со тап жилет и без огледало да ја избричи запуштената брада. Откако Фил му раскажал дека сопствениците на локалниот ресторан за брза храна му ветиле дека ќе го вработат ако дојде среден, Тони купил машинка за бричење и го избричил.

Целата случка ја снимил маж кој бил во нивна близина, а видеото го споделил на социјалните мрежи. „Помислив дека би било убаво овој несебичен чин да го споделам со светот“, рекол тој неколку дена потоа во интервју. Видеото го виделе и од локалното радио, па го побарале Фил во ресторанот, а тој им раскажал за помошта што ја добил од полицаецот Карлсон.

„Господата во ресторанот ми ветија работа ако се појавам во понеделник без брада. Стоев на улица и се обидував да се избричам, но немав огледало, па полицаецот Тони го направи тоа наместо мене“, рекол Фил.

Луѓето што го споделуваат видеото на „Фејсбук“ го нарекуваат полицаецот Карлсон херој. Тој, пак, вели дека не направил ништо необично.

“Само си ја извршував работата, а тоа е да им помагам на другите. Ова не е ништо спектакуларно. Вакви работи се случуваат секој ден, единствена разлика е што овој пат беше снимено“, рекол полицаецот за американските медиуми.

Scroll to Top