Силна бура со грмотевици, проследена со град, денеска го погоди Солун во попладневните часови. Градската противпожарна примила повеќе од 300 повици за помош.
Спасена е жена што била зафатена од пороите, а во исто време спасувачките екипи имале тешка задача да ги спасат и луѓето што биле заглавени во автомобилите на мостот поради високото ниво на водата.
Многу продавници и домови, како и градската општина, биле поплавени од силните дождови, кои улиците ги претвориле во реки.
Во некои делови од градот снемало струја, а поради грмотевиците, кои удриле во меѓународниот аеродром во Солун, кусо било откажано дополнувањето на авионите со гориво, соопштуваат од грчките агенции.
Улиците во центарот на градот за неколку минути биле поплавени. Сообраќајот во градот бил отежнат, а во некои делови од градот тој бил целосно оневозможен.
Морските бранови ги преплавиле брегот и пристаништето. Сите надлежни градски служби биле ангажирани и им помагаат на загрозените граѓани.
Засега нема прецизни податоци за евентуални жртви, а како што јавуваат грчките медиуми, една жена се води како исчезната.