(Видео) Русија ги претрка Том Круз и НАСА и почна да го снима првиот филм во вселената

Руски екипаж од двајца космонаути, режисер и актерката Јулија Пересилд пристигна на Меѓународната вселенска станица за да го снимаат првиот филм во вселената. Рускиот филм ќе се снима 12 дена, а ја изненади јавноста, бидејќи Том Круз претходно најави дека ќе снима филм во вселената во соработка со НАСА и „Спејс икс“.

Ова, според светските медиуми е уште еден пресврт во децениското ривалство на Русија и САД за превласт во вселената.

Рускиот филм, насловен „Предизвик“, раскажува приказна за докторка од која се бара да отпатува во вселенската станица за да го спаси животот на еден космонаут кој е премногу болен за да биде транспортиран назад на Земјата.

Според американските медиуми, овој проект има за цел да го крене престижот на руската вселенска програма.

Руските државни медиуми ја испратија екипата во вселената како херои и направија патриотска репортажа, со одбројување на часовникот на државниот Канал 1. Презентерите на вести го прикажаа настанот како значаен пробив на Русија, кој остатокот од светот внимателно го следи.

„Ројтерс“ пишува дека гласните најави и прилози се спротивност на последните случувања во руската вселенска индустрија, која изминатите години беше погодена од бројни одложувања, несреќи и корупциски скандали, а во меѓувреме, приватни фирми со седиште во САД, поддржани од богати бизнисмени, развија нови вселенски летала.

Scroll to Top