(Видео) Со дигалка се качи до третиот кат за да ја види сопругата: 88-годишниот Ник и неговата љубов кон Марион

Ниту пандемијата, ниту мерките кои одат заедно со неа не го спречиле Ник Автгес од САД, кој има 88 години, да ја види својата сопруга Марион (61), која престојува во дом за стари лица. Тоа го направил на свој начин.

Во домот е забранета посета од 14 март поради пандемијата на коронавирусот, а Ник тоа го поднел многу тешко, бидејќи ја посетувал секојдневно.

Но, нивниот син Крис пронашол начин за повторно да се видат. На „Фејсбук“ објавил дека бара некој кој има камион со дигалка и набрзо нашол од пријател од средното училиште.

Добил одобрување од домот за стари лица и тргнал во акција. Ник се качил со дигалката до третиот кат, до прозорецот на Марион.

„Пријателе мој, ова е она што треба да нè инспирира. Со децении љубов, верба, охрабрување и посветеност. Моите родители се пример за целото наше семејство и се надевам дека ќе инспирираат и други“, напишал Крис во објавата на неговиот фејсбук-профил.

„Не сум ја видел 7 дена. Да требаше да ме кренат 10 ката, немаше да ми пречи. Едноставно морав да ја видам“, рекол неговиот татко Ник за „Boston Globe“.

Разговарале 20-ина минути, а пред да го спуштат, Ник на прозорецот напишал: „Те сакам, душо.“

Scroll to Top