На Неделата на уметност во Берлин беше претставен најскапиот тост на светот. Станува збор за скулптура излиена во злато, вредна три милиони долари. Автор е Тим Бенгел, кој користел вистински тост од авокадо, како шаблон и направил 27 тродимензионален модел на поединечни парчиња сендвичи. Користел пет фелчиња авокадо, пет фелчиња томати, десет листови рокула, пет главички лук и две половинки тесто.
Секое парче било излиено со 18 каратно злато и повторно ставано на сендвичот. Скулптурата е тешка повеќе од 11 килограми, а германската галерија „Ротер“, преку која се организира продажбата, за овој златен тост, дизајнирала кутија вредна 47.000 долари.
Бенгал рече дека овој тост е статусен симбол на милениумската генерација која го претставува богатството, кондицијата и здравиот начин на живот. Тој своето уметничко дело го поврзал со митот за кралот Миди, кој со својот допир ги претворал работите во злато, а на крајот умрел од глад.
„Слично нешто се случува и денес во турбокапитализмот, кој во својата трка за профит, унитшува сè“, рече Бенгел, кој стана славен по своите ексцентрични перформанси.
За Берлинската недела на уметност пред две години Бенгел изгради градина во форма на череп од грмушки и надгробни споменици, а неговиот златен тост од Европа наскоро ќе патува и во САД, каде ќе гостува на Неделата на уметноста во Мајами.