(Видео) Во Египет откриен изгубен златен град, стар 3.000 години

Египетските археолози во близина на градот Луксор, во легендарната Долина на кралевите, открија остатоци од древен град од златното доба на фараоните. Тие тврдат дека ова е најголемиот златен град пронајден во Египет досега.

Експертите тврдат дека ова е едно од најважните откритија по ископувањето на гробот на Тутанкамон, пишува британскиот весник „Гардијан“.

„Египетската мисија, предводена од д-р Захи Хавас, го најде градот изгубен под песок. Градот е стар 3.000 години, датира уште од времето на владеењето на Аменхотеп III, а Тутанкамон и Аj продолжиле да го користат”, соопшти тимот археолози.

Бетси Брајан, професор по египетска уметност и археологија на Универзитетот Џонс Хопкинс, тврди дека ова е второто најважно археолошко откритие во Египет, по откривањето на гробот на Тутанкамон. Пронајдени се и накит, украсена грнчарија, амајлии и исушени цигли со печатот на Аменотеп III.

„Многу странци го бараа овој град и не го најдоа“, рече Хавас, кој е поранешен министер за антиквитети.

Ископувањата започнаа во септември 2020 година помеѓу храмовите на Рамзес III и Аменотеп III во Луксор, околу 500 километри јужно од Каиро.

„По неколку недели, на големо изненадување на археолозите, градби од тули почнаа да се појавуваат во сите правци“, додаде Хавас.

По седум месеци ископувања беа откриени цели населби, административни и станбени.

„Откриен е голем град во одлична состојба, со скоро цели ѕидови и простории полни со алатки од секојдневниот живот.“

Откриени се и влезови во гробници врежани во карпите, слични на оние пронајдени во Долината на кралевите и се очекува да бидат полни со скапоцености.

Минатата недела, Египет ги пренесе мумифицираните остатоци на 18 антички кралеви и четири кралици од Египетскиот музеј во Каиро во новиот Национален музеј на египетска цивилизација во истиот град, како дел од поворката наречена „Златна парада на фараоните“.

Scroll to Top