Вереницата на основачот на „Викиликс“, Жулијан Асанж, за првпат јавно проговори за љубовниот живот и за тоа како успеала да роди две деца, додека тој бил затворен во Амбасадата во Еквадор во Лондон. Таа вели дека нејзиниот партнер успеал да го промени светот.
Стела Морис (37), адвокатка со потекло од Јужна Африка, се заљубила во Асанж во 2015 година. Тогаш таа го посетувала во амбасадата и на секаков начин се борела да го спречи неговото испорачување во САД, наведува „Дејли мејл“.
Габриел, кој сега има три години, и едногодишниот Макс се родени додека Асанж се наоѓал во Амбасадата на Еквадор. Основачот на „Викиликс“ во 2012 година доби политички азил кој траел сè до минатиот април, кога бил уапсен.
Морис вели дека е среќна што го запознала Асанж, кој со „Викиликс“ го променил светот.
„Станавме пријатели и гледавме заедно филмови и едноставно сакав да поминувам време со него. Беше многу романтично и слатко. Не беше лесно, но кога сте со некого кого го сакате, можете невозможните ситуации да ги направите возможни“, изјавила таа за емисијата „60 минути“.
Кога останала трудна со Габриел, Асанж бил во амбасадата веќе четири години и верувал дека е под постојан надзор. Морис, која се верила со Асанж во 2017 година, вели дека нејзините синови биле зачнати во собата која не била покриена со камери.
„Џулијан имаше свој приватен простор, неговата соба и канцеларија немаа камери“, изјавила таа.
Морис вели дека таа и Асанж го ангажирале нивниот пријател Стивен Ху за да се претставува како татко на нивните деца.
Ху редовно ги носел Габриел и Макс во амбасадата за да го посетат татко им. Морис, од друга страна, никогаш не доаѓала во амбасадата во истото време кога доаѓале децата.
Некои од персоналот во амбасадата се посомневале дека Асанж е татко на децата, па така еден припадник од обезбедувањето наводно планирал да ги украде пелените на Габриел, за да направат ДНК-тест. Морис додала дека имала поддршка од родителите на Асанж, Кристина и Џон Асанж.