Во градот Абидос во Египет е отриена пиварница стара 5.000 години. Од египетското Министерство за туризам и старини велат дека во неа можело да се произведат илјадници литри пиво, пренесува Си-ен-ен.
Министерството додава дека пиварницата, веројатно, датира од времето на владеењето на кралот Нармер, последниот крал од прединастискиот период (3300 – 2900 пр. н.е.).
Доктор Метју Адамс од Универзитетот во Њујорк и еден од водачите на египетско-американска мисија, која го открила местото, вели дека тој и колегите археолози веруваат дека пивото се користело за време на ритуалите што се одржувале додека ги погребувале најраните египетски кралеви.
Пиварницата, чиј производствен капацитет изнесувал 22.400 литри, е поделена на осум одделенија по 49 глинени садови за загревање на мешавината од житни растенија и вода.
Египетските официјални лица пишуваат дека со новооткриените артефакти ќе се обидат да го оживеат туризмот затоа што египетската туристичка индустрија е девастирана од последиците од пандемијата на коронавирусот.