Мозаик од пред 3.500 години, е откриен во местото Усакли Хојуку во округот Соргун, во средишниот дел на Турција. Мозаикот е составен од 3.147 камења и е на површина три на седум метри, пренесува Агенција Анадолија.
Се верува дека ова е историски најстариот мозаик пронајден досега. Според Хусеин Чифтчи, областен директор за култура и туризам, мозаикот е постар од оние откриени во Грција. Анаклето Дагостино, од Универзитетот на Пиза и предводник на тимот за ископувања, смета дека мозаикот е од 16. век прд нашата ера.
Заедничките ископувања ги спроведуваат Генералниот директорат за културно наследство и музеи во Турција, Универзитетот Бозок и италијанскиот Универзитет на Пиза.
„Научните испитувања покажаа дека мозаикот е прв ваков во историјата. Мозаичниот калап го потврдува ова, бидејќи е доста оригинален. Планираме да го вклучиме ова место во туристичките понуди“, рече Чифтчи.
Мозаикот е стара добро позната техника на сликање, којашто се изведува со редење шарени, повеќе или помалку доследно наредени коцки од камен, обоено стакло или ќерамика.