Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија 25. пат ги врачи најпрестижната и најпосакувана награда и признанието во автомобилската индустрија. Со тоа продолжи традицијата на наградување на моделот што во текот на изминатата година пристигнал на македонскиот пазар, а според критериумите на националното жири заслужува да ја добие наградата.
Победникот, моделот Opel Corsa, беше прогласен уште во февруари, но поради моментната ситуација, планираното свечено доделување беше одложено.
Членовите на жирито доделувањето на наградите и признанијата го направија во салоните на победниците. За победникот Opel Corsa е врачена стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, направено специјално за изборот на автомобил на годината во Македонија уште од 1995 година, а признанието СУВ на годината во Македонија за 2020 година го врачија за моделот Toyota RAV 4.
„Во специфични услови за сите нас го заокружуваме овој 25-ти национален избор на автомобил на годината во Македонија. Горди сме што најстарата манифестацијата од ваков вид останува препознатлива, а наградите што ги доделува примамливи за секој производител. Заедно со увозниците на возила го кренавме изборот на повисоко ниво и со транспарентни правила и критериуми ја продолжуваме традицијата почната уште од 1995 година. Верувам дека и следниот период заеднички ќе придонесеме за препознавање и наградување на оние што навистина се најдобри“, вели Горан Антевски, претседателот на националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија.
Од моделите пристигнати на македонскиот пазар помеѓу двата избора, националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, во согласнст соо правилникот за работа и критериумите на изборот, одреди шест (6) финалисти, кои се оценуваа според следниве шест критериуми:
– адекватност и понуда на домашниот пазар;
– економичност и еколошка прифатливост;
– безбедност и примена на технолошки достигнувања;
– возни својства;
– дизајн;
– комфор и опременост.
Секој член на жирито имаше на располагање 120 бода што требаше да ги распредели на моделите финалисти.
Победничкото возило Opel Corsa доби 110 бода од жирито (4 гласа), пред Mazda 3 со 86 и Toyota RAV 4, моделот што доби 81 бод.
Гласот од финалистите, увозниците што учествуваа со сопствени автомобили во изборот, годинава го доби моделот MAZDA 3. Од шесте финалисти за моделот Mazda 3 гласаа три (3), со што овој модел доби еден рамноправен глас при гласањето.
„Благодарни сме за ова за нас многу важно признание, кое годинава ѝ припадна на новата Opel Corsa. Изборот на автомобил на годината во Македонија е награда, која нам исклучително многу ни значи, особено во ова време на неизвесност кога сите на некој начин се одвикнавме од убави работи. Иако во една од најтешките години во автоиндустријата, со ова признание ставивме шлаг на тортата од сите награди што ги доби новата Opel Corsa од својата премиера на Меѓународниот саем за автомобили во Франкфурт во септември лани. Со разните награди и признанија што таа ги доби, шестата генерација на Opel Corsa докажа дека е вистински автомобил за секого и уште еднаш покажа зошто е бестселер на брендот Opel уште од далечната 1982 година.
Во новата Corsa сега Opel нуди технологии и системи за асистенција, кои на купувачите вообичаено им се познати од повисоките класи на возила. Очигледно дека членовите на жиријата во светот тоа добро го препознале. Ја користам можноста уште еднаш да ви се заблагодарам што и вие направивте ваков избор“, вели Александар Мешков, регионалниот претставника на Opel за Македонија, Албанија и за Косово.
Признанието за СУВ на годината годинава го доби моделот Toyota RAV4.
„’Toyota aвтоцентар’ како генерален застапник за Toyota во нашата земја изразува голема благодарност до националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, што ги препозна и ги потврди квалитетите на петтата генерација на RAV4 преку доделување на наградата ‘SUV на годината. Оваа награда ќе биде уште еден доказ за непогрешливоста во изборот на голем број купувачи на RAV4 во нашата земја, но исто така и поттик за сите оние што се во потрага по SUV-автомобил, а сè уште не ја донеле својата одлука на избор“, вели Ана Трајковска, маркетинг менаџерот на „Тојота автоцентар“.
Досегашни победници во изборот „Автомобил на годината во Македонија“
1996 Fiat Bravo/Brava 2013 Seat Leon
1997 Renault Megane 2014 Skoda Octavia
1998 Opel Astra 1998 2015 Ford Mondeo
1999 Skoda Octavia 2016 Skoda Superb
2000 Fiat Punto 2017 Kia Sportage
2001 Seat Leon 2018 Dacia Duster
2002 Toyota Corolla 2019 Ford Focus
2003 Mazda 6 2020 Opel Corsa
2004 Mazda 3
2005 Seat Altea
2006 Vоlkswagen Passat
2007 Opel Corsa
2008 Kia Cee`d
2009 Volksvagen Golf VI
2010 Opel Astra IV
2011 Hyundai iX35
2012 Кia Rio