Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски ја освои наградата најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија. Наградата „Мануел де Оливеира“, е именувана по легендарниот португалски режисер.
Манчевски наградата ја посвети на извршниот продуцент на „Врба“ Ник Пауел, британската продуцентска легенда, кој почина лани во ноември, една недела по светската премиера на филмот.
„Убава награда во убав град. Мило ми е што „Врба“ го наоѓа патот до срцето на гледачите во повеќе земји“, изјави Манчевски за наградата.
Ова е третпат како Манчевски е лауреат на Фантаспорто: во 2016 година доби Награда за кариера при што имаше и ретроспектива на неговите филмови, а во 2017 „Бикини Мун“ ја освои специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите.
Минатата недела „Врба“ беше прикажан во главната конкуренција за награди на ФЕСТ во Белград, проследено со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциноски.
Од мај, „Врба“ ќе игра на редовниот кинорепертоар во Србија.
„Врба“ по Фантаспорто овој месец ќе ја има и американската премиера, во селекцијата за награди на фестивалот Синеквест во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија (3-15 март) еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД, по што следуваат фестивалите во Софија и Истанбул.
Минатиот месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.