Врски што почнале на „Евровизија“ завршиле со брак

Организацијата на евровизиски фанови „ОГАЕ“ постои од 1985 година. Основана е во Финска, а Македонија е нејзин член од 2004 година. Претседател на „ОГАЕ Македонија“ од 2011 година е Игор Трајковски. Тој вели, „Евровизија“ им е заедничко хоби на фановите од сите земји, а дружењето во двете евровизиски недели создава вистински пријателства, ама и бракови.

„’ОГАЕ’ доаѓа од оригиналното, француско име на организацијата Organisation Générale des Amateurs de l’Eurovision – OGAE, што во превод би било Генерална организација на евровизиски фанови“. Во моментов постојат 45 национални клубови. Членови можат да бидат клубови од земји што учествувале на евровизискиот натпревар. Фановите од сите други земји можат да се зачленат во ‘ОГАЕ останати земји’. Ова не е национален клуб туку збирен клуб за сите земји што не се и никогаш не биле дел од ‘Евровизија’,“ ни рече Игор.

Членовите на ОГАЕ Македонија со Есма и Лозано

Поддршката што членовите на „ОГАЕ“ ја даваат на пејачите на „Евровизија“ секоја година е огромна. Сите клубови организираат анкети за популарноста на евровизиските песни и ги објавуваат пред почетокот на натпреварувањето.

„Тоа е една од најследените анкети, го дава пулсот на јавноста бидејќи го опфаќа целото членство од неколку илјади членови. Многу клубови организираат предевровизиски забави во соработка со националните телевизии, а некои од тие забави се дестинации на предевровизиските промо-турнеи, како Англија и Холандија“, раскажа Игор за „Репортер“.

Од минатогодишната евровизиска журка во Амстердам, со Јана Бурческа

Вели, во Македонија се организираа журки во годините кога имаше национален избор. На нивните забави тогаш присуствуваа сите учесници на националниот избор.

„Таа пракса прекина откако МРТ почна интерно да ги избира песните. Многу ‘ОГАЕ’ клубови се активни на социјалните мрежи, најмногу на ‘Фејсбук’, каде што и ние имаме своја страница. Главно се фокусираме на информации, пофалби и критики за македонските евровизиски претставници, но дискутираме и за останатите. Периодот пред ‘Евровизија’, очекувано, ни е најактивен, и тогаш сме во многу блиска комуникација и со МРТ и со повеќето медиуми и новинари кои професионално се занимаваат со настанот“, рече Трајковски.

Игор со Марија Шерифовиќ

„ОГАЕ Македонија“ постојано контактира со другите клубови. Откако „Ај Кју“ ја промовираа песната Lost and Found, почнаа да пристигнуваат и првите реакции.

„Мислењата се секогаш поделени, но главно се позитивни. Ни даваат десетка оти последниве две години праќаме помодерни песни, различни од она што обично сме го праќале, да речам ‘песни за локална употреба’. За ‘Ај Кју’ реакциите се прилично добри: неочекувано добро од Македонија, браво за модернизацијата, Македонија го поправа имиџот, одличен вокал. Но, има и сомнежи дека без одличен сценски настап песната ќе нема ефект и ќе се изгуби на сцената. Велат дека сценскиот настап ни е хронично слаба страна и дека тука можеме повторно да утнеме, како лани. Има и критики дека песната е мешавина од две-три песни и дека затоа ќе котира лошо, слично како Лозано и Есма. Но, повеќето признаваат дека таа мешавина од стилови е прилично добро поврзана во една целина“, раскажува Игор.

ОГАЕ во евровизискиот прес-центар

За Игор, најдоброто од „Евровизија“ е дружењето меѓу фановите.

„Неверојатно е чувството кога на едно место ќе се најдете со фанови од шеесетина земји, понекогаш и повеќе. ‘Евровизија’ на сите ни е заедничко хоби, а тие дружби се претвораат и во пријателства. Имало и неколку бракови кои започнале со запознавање на ‘Евровизија’. Атмосферата е секогаш весела и полна со адреналин. Има натпреварувачки дух и поддршка за конкурентите. Политиката која знае да игра улога при гласањето, кај фановите многу ретко има влијание. Предност секогаш им се дава на музиката, другарството и доброто расположение“, вели тој.

Андријана Јовановска

Scroll to Top