Кори Патрик (19) минатата година со родителите се преселил на другиот крај од градот, но не сакал да го промени училиштето за да не ги загуби пријателите.
Фотографијата од ученикот Кори, кој во свечен костум пешачел до автобусот за да стигне на матура на другиот крај од градот, многу брзо се проширила на социјалните мрежи.
Поради тоа што неговите родители немале автомобил, Кори секое утро станувал во 4:30 часот и со јавен превоз патувал до училиште менувајќи притоа неколку автобуси. Дома се враќал околу 19 часот. До училиштето му требале околу 90 минути возење со градски превоз.
„Кори е прекрасно момче, мирно и повлечено. Горда сум на него“, изјавила неговата мајка Фелисија Вајт, пренесува „Дејли мејл“.
Неговата фотографија во свечен костум ја забележал и радиоводителот Рики Смајли, кој ги замолил слушателите да му помогнат да го пронајде момчето затоа што одлучил да му подари автомобил.
„Кори треба да биде инспирација за секого. Неговата преданост за успех треба да се цени. Неговата жртва треба да биде порака за луѓето дека не треба да се откажуваат од целите во најтешките моменти“, изјавил Смајли.
Покрај автомобил, момчето ќе добие и платена школарина на Универзитетот Џексонвил.