Грчкиот остров Алонисос на Денот на вљубените објави дека ќе започне со организирање на подводни венчавки, а во август ќе се одржи првата венчавка, јави дописничката на МИА од Атина.
Општината објави и промотивно видео под слоганот „Alonissos, I Love You Deeply!“, а меѓу нуркачите, како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, е и градоначалникот на островот Петрос Вафинис, кој веќе церемониите може да ги извршува и под вода.
„Подводната венчавка на нашиот остров е одличен начин за размена на завети во текот на целата година и за двојката не се потребни посебни вештини и знаење, ниту неразумни трошоци. На Денот на вљубените ги покануваме сите заљубени да го доживеат подводното свадбено искуство на Алонисос и од тука да го започнат новиот живот“, порача градоначалникот на островот за АНА-МПА.
Алонисос, Скиатос, Скопелос и Скирос се дел од Спорадските острови во Грција.