Жељко Бебек ќе одржи концерт на Антички

Популарниот музичар Жељко Бебек на 21 август ќе одржи концерт на Антички во Охрид. По Амира Медуњанин и Дарко Рундек и Екипа, ова е трет концерт што „Авалон продукција“ го организира летово во Охрид. Тој во март имаше закажано два концерта во Скопје, но тие беа откажани поради короната.

„Еден од најголемите пејачи на Балканот на сите времиња, легендарниот Жељко Бебек, со кого бевме принудени да ги откажеме двата речиси распродадени концерти во Македонската филхармонија, овој пат ќе одржи концерт во Охрид на отворено. На Античкиот театар, конечно, ќе ги слушнеме во живо безвременските хитови ‘Сањао сам ноќас да те немам’, ‘Селма’, Има нека тајна веза’, ‘Доживјети стоту’, па сѐ до актуелните песни од последниот албум на Бебек ‘Оно нешто наше’,“ велат организаторите.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба онлајн в среда (15 јули), а од четврток и во „Авалон мјузик и тикет стор“ и на продажните места во мрежата на „Авалон“. Билетите за трибините ќе чинат 1.000 денари, а ВИП-билетите се 1.500 денари.

„Сите кои сè уште ги чуваат билетите за концертите во Македонската филхармонија ќе може да го гледаат Бебек во Охрид со истите билети, заменети за ВИП-билети“, велат од Авалон.

Бидејќи по новите протоколи за одржување концерти капацитетот на Антички ќе биде намален за 50%, во продажба ќе бидат пуштени само 1.200 билети. Влезот за сите посетители задолжително ќе биде со заштитни маски.

Scroll to Top