За подготовка на ова предјадење за 4 лица потребни ви се следниве производи:
– 500 гр. брашно
– 1 јајце
– 200 гр. јунешка кртина
– 300 гр. пилешко месо
– пармезан
– прашок за печиво
– 500 мл. млеко
– масло за јадење
– сол и црн пипер
Потребно време за подготовка на ова предјадење е 60- тина минути.
Во длабока чинија го ставаме брашното. На средината на брашното со лажица правиме длабнатина. Во длабнатината ставаме прашок за печиво, сол и мелен црн пипер. Потоа во длабнатината го кршиме јајцето. Почнуваме да мешаме со лажица и во чинијата додаваме од млекото. Замесуваме помеко тесто.
Работната маса ја набрашнуваме. На работната маса го ставаме тестото. Го месиме тестото со раце и постојано додаваме брашно, додека не стане доволно тврдо. И јунешкото и пилешкото месо ги сечкаме на коцки. Парчињата месо ги посолуваме и ги наросуваме со мелен црн пипер. Со раце ги мешаме парчињата месо на даската за сечење, за да попримат од солта и црниот пипер.
Тавата за печење ја намрснуваме со путер. Тестото со нож го сечеме на два дела. Првата половина од тестото ја набрашнуваме и ја месиме со раце. Со сукалка од тестото развлекуваме кора. Кората ја ставаме во тавата за печење. Врз кората ги редиме парчињата месо. Месото го наросуваме со пармезан. Магдоносот ситно го сечкаме. Потоа и магдоносот го додаваме во тавата за печење.
Вториот дел од тестото го месиме. Со сукалка и од него развлекуваме кора. И оваа кора ја ставаме во тавата за печење. Со помош на вилушка горната кора ја притискаме за да се залепи со филот и со долната кора. Врз кората наросуваме пармезан. Врз пармезанот ставаме парчиња путер. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 40- тина минути на температура од 250 степни. Откако питата ќе порумени ја вадиме тавата од рерна и ја ставаме на работната маса. Со нож питата ја сечеме на поголеми коцки. Две парчиња пита ставаме на чинија за сервирање.
Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете вино Розе.