Баклава со јаболка

Потребни состојки:

500 г готови кори
7-8 јаболка со средна големина
10 големи лажици шеќер за јаболката
1 ванилин шеќер
по желба цимет за јаболката
3 големи лажици лебни трошки за јаболката
неколку капки арома од ванила и бадем
150 г грубо мелени лешници и ореви
150 г ситно мелени лешници и ореви
250 г путер

Шербет:

1 лимон исечен на тралца
600 г шеќер
1 литар вода

Начин на подготовка:

Прво измешајте ги оревите и лешниците, па одвојте половина за да ги сомелете покрупно и другата половина поситно. Путерот растопете го. Јаболката убаво измијте ги и изрендајте ги со кора, измешајте ги со лебни трошки (презла), цимет, арома и шеќер. Во тепсија (32х22 см) ставете хартија за печење и премачкајте ја со растопен путер. Започнете да ги редите корите: прво ставете една кора, премачкајте ја со путер, па ставете втора кора и истото повторете го уште три пати. Наредете вкупно 5 кори премачкани со путер. Врз корите ставете малку од смесата со ореви и лешници и малку од смесата со јаболка. Рамномерно распоредете. Потоа ставете две кори и малку притиснете ги со рака за да добиете рамна површина. Премачкајте ги со путер, па повторно наредете фил. На овој начин редете додека да ви се потроши материјалот. Последните 5 кори се редат исто како на почетокот, без фил. Наредената баклава се сече во облик на ромбови, добро се премачкува со растопен путер и се пече во претходно загреана рерна на 150 степени за да добие бакрена боја. Печената баклава се прелива со шербет кој претходно сте го свариле и изладиле. За подготовка на шербетот сварете ги водата, со лимонот исечен на тркалца и шеќерот. Врз баклава ставете алуминиумска фолија и врз неа нешто тешко за да може баклавата убаво да го впие сирупот. Оставете ја баклавата да отстои преку ноќ пред да ја послужите.

Scroll to Top