Облачиња со кокос и џем

Состојки: 500 мл млеко, 50 г шеќер, прстофат сол, прстофат ванилин шеќер, 60 г пченкарен скроб, 3 лажици од вашиот омилен џем или шумско овошје и кокос за валакање.

Приготвување: Млекото, шеќерот, ванилиниот шеќер, солта и скробот сипете ги во тенџере и загрејте ги на ниска температура. Загревајте додека смесата не се згусне со непрестајно мешање за да не загори. Кога убаво ќе згусне, тргнете ја од оган. Ќе добиете смеса густа како павлака.

Потоа додајте го џемот или шумското овошје и внимателно промешајте за да ви остане интересна шара. Смесата префрлете ја во калап или плех обложен со хартија за печење, покријте ја со пластична фолија и ставете ја во замрзнувач 3-4 часа.

Потоа, извадете ја на дрвена штица и исечете ја на коцки. Извалајте ја секоја коцка во кокос и послужете.

Уживајте во колачињата меки како облачиња.

Scroll to Top