Потребни состојки:
Пандишпан:
3 јајца
90 гр шеќер
4 лажици масло
90 гр брашно
1 лажиче прашок за печиво
Фил:
500 мл млеко
120 гр шеќер
1 ванилен шеќер
70 гр нишесте
20 гр брашно
1 лажица мед
1 лажиче ванила екстракт
130 гр путер на собна температура
Други додатоци:
2 банани
3-4 лажици „нутела“
1-2 лажици чоколада во прав за декорација
1 филџанче млеко за прскање на пандишпанот
Начин на подготовка:
Најпрвин подгответе го филот за да се лади. Во дел од млекото растворете го нишестето, па додајте ги брашното, ванила шеќерот и половина од шеќерот. Другото млеко и шеќерот ставете ги да зовријат. Кога ќе зовријат, додајте ја растворената смеса и на тивок оган мешајте со жица додека се згусти. Трнете го настрана и веднаш додајте ги медот и екстрактот од ванила и убаво измешајте ги за да се спојат.
Во длабок сад изматете ги јајцата и шеќерот. Кога ќе добиете крем-смеса, додајте го маслото и кратко изматете ги. Додајте ги брашното и печивото и мешајте со шпатула за да се изедначи смесата. Ставете ја во тава за печење бр. 26, која претходно сте ја премачкале со путер и брашно. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени 15-ина минути. Оставете го и тестото да се излади.
Додека тестото се лади, во веќе изладениот крем-фил додајте го путерот. Матете додека не добиете мазна смеса. Кога ќе се излади пандишпанот, ставете го на подлога за торта. Попрскајте го со млекото и премачкајте го со „нутела“. Одозгора ставете ги бананите исечени на тркалца, па врз нив ставете го целиот фил и израмнете го. На крајот посипете го чоколадо во прав.