Короната може да предизвика дијабетес кај луѓе кои претходно ја немале болеста

Луѓето кои имаат дијабетес имаат и зголемен ризик од смрт ако се заразат со Ковид-19, покажаа неколку студии направени во Англија и други земји. Но, неодамна реномирани професори од целиот свет испратија писмо до New England Journal of Medicine (NEJM) во кое објаснуваат дека Ковид-19 не само што е ризичен за луѓето со дијабетес, туку дека може да ја предизвика оваа болест кај здрави луѓе.

Постојат два главни типа  дијабетес. Тип 1 е предизвикан од сопствениот имунолошки систем, односно во организмот нема инсулин бидејќи се уништуваат островските клетки во панкреасот. Дијабетес тип 2 е нарушување во метаболизмот што се карактеризира со висока крвна гликоза, отпорност на инсулин и релативен недостиг на инсулин во организмот.

Познато е дека вирусните инфекции можат да се поврзат со првиот пат кога пациентот ќе добие симптоми на дијабетес. Вирусните инфекции може да предизвикаат уништување на „фабриките“ на клетки што произведуваат инсулин во панкреасот. Забележани се случаи на акутен дијабетес кои се развиле во време на заушки и ентеровирусни инфекции.

Во Кина постои извештај за случај на еден млад човек, кој претходно имал добра здравствена состојба, а откако се заразил со Ковид-19 има новонастанат, тежок дијабетес. Пред пандемијата на Ковид-19, источна Азија имаше епидемија на САРС (2002-2004), што исто така беше предизвикана од коронавирус. И тогаш постоеја случаи на акутен почеток на дијабетес кај лица со САРС-пневмонија, што не е забележано кај оние кои имаат пневмонија од други причини. Во повеќето случаи, дијабетесот се решил по три години.

Но дали Ковид-19 предизвикува дијабетес? Одговорот е дека засега ова не е потврдено, иако неколку испитувања покажале дека короната е најверојатно причина за појава на дијабетес тип 1 или тип 2 кај неколку пациенти.

Авторите на писмото до NEJM направија регистар за да ги евидентираат сите случаи на дијабетес поврзани со Ковид-19. Регистарот е од суштинско значење за да се соберат доволно податоци и да се почне разоткривање на тоа дали постои директна врска помеѓу Ковид-19 и дијабетесот, како што се верува. Ако навистина се најде таква врска, ќе биде треба да се утврди на кој начин вирусот го поттикнува дијабетесот, за да се најде најдобар начин за негово спречување или лекување.

Scroll to Top