Можни проблеми од прекумерната употреба на конзерванси за зимница

Во повеќето рецепти за зимска подготовка, конзервансот е една од задолжителните состојки. Тоа е состојка којашто се додава во храната за да трае подолго. Имено, конзервансот спречува формирање и развој на габи и бактерии.

Сепак, според експертите, тоа воопшто не е безопасно, бидејќи доколку се додаде во поголема количина од препорачаната, може да биде штетно за здравјето на луѓето. Затоа, тие советуваат да внимавате кога го го додавате во храната.

Ова предупредување се базира на научни истражувања кои покажаа дека конзервансот, односно додатокот Е 211, може да ги уништи митохондриите, што пак може да го забрза стареењето и да доведе до дегенеративни промени, како што е Паркинсоновата болест, но може и да предизвика и цироза на црниот дроб.

Исто така, во комбинација со витамин Ц, додатокот Е 211, може да формира бензен, што претставува потенцијална опасност за здравјето на луѓето. Поради ова, домаќинките мора строго да внимаваат колку конзерванси додаваат кога се подготвуваат за зимата.

Експертите препорачуваат да не се додава повеќе од еден грам конзерванс за килограм храна. Бидејќи конзервансот е спакуван во ќесички, тоа значи: една ќесичка од пет грама не смее да се става на помалку од пет килограми овошје или зеленчук за време на подготовката на зимница.

Постои долга листа на производи што припаѓаат на зимница на која ѝ се додава конзерванс. Тоа може да бидат џемови, варени домати, зеленчук за ѓувеч и мешана салата, потоа ајвар и кисели краставички. Некои дури го додаваат и во кисела зелка.

Инаку, максималната дозволена дневна доза на овој додаток е 700 милиграми, што значи дека човек со тежина од 100 килограми може да земе 7 грама конзерванси, а лице со тежина од 50 килограми може да земе три и пол грама.

Кога станува збор за децата, не треба ни да им се дава храна која содржи адитиви.

Scroll to Top