Намалете ги менструалните грчеви со ѓумбир и вежбање

Менструалните грчеви се јавуваат кога мускулите на матката се затегнати за полесно да се исфрли менструалната содржина. Чувството на болка е последица на контракција на ѕидот на матката кој ги грчи крвните садови, па привремено се спречува дотокот на крв, а со тоа и кислородот до матката. Ова го открива д-р Каролин Овертон, гинеколог, која вели дека менструацијата не треба да го попречува секојдневието кај жената.

„Ако морате да го промените начинот на кој се облекувате, ако ја пропуштате работата или друштвените активности, односно ако го прилагодувате животот на менструалниот циклус, тогаш можеби имате некој проблем и треба да побарате лекарска помош“, вели таа.

Се смета дека 20% од жените имаат големи менструални болки, но тие може да се намалат на природен начин, со ѓумбир, лесни вежби и внесување многу течности.

Ѓумбир
Лековите за намалување на болка, како што се парацетамол, ибупрофен, аналгин, често се доволни за многу жени при менструација. Но, една студија од 2012 година која го проучувала ефектот на ѓумбирот во намалувањето на менструалните болки покажала дека тој има значаен ефект во намалувањето на интензитетот и траењето на болката.

Вежбање
Различни студии покажуваат дека жените кои вежбаат може да имаат помалку болни менструации, но важно е да се нагласи дека тоа се тие жени кои вежбале во текот на целиот месец. Стручните лица предлагаат секојдневни благи вежби како што се пливање, одење или возење велосипед, јога или пилатес – сето ова го опушта телото и мускулите на стомакот.

Хидрираност
Дехидратацијата може да ги зголеми грчевите, па затоа жените треба да пијат многу вода, а да внимаваат со алкохолот и кофеинот. Освен што помага за хидратација, чајот од билки може да биде корисен. Исто така и топлината може да делува ефикасно во намалувањето на менструалните болки. Топла купка или туширање со топла вода може да биде од голема помош.

Scroll to Top