Природни начини да го намалите високиот крвен притисок

Високиот крвен притисок често го зголемува ризикот од срцев удар. Лековите може да го намалат високиот крвен притисок, но и тие имаат несакани последици, како, на пример, несоница. За среќа, постојат алтернативни начини за регулирање на високиот притисок, а за кои се верува дека се ефикасни. Тие го вклучуваат начинот на исхрана, зголемената физичка активност и регулирањето на стресот.

Еден од наједноставните начини да го намалите крвниот притисок е со здрава храна. Докторите препорачуваат внесување повеќе овошје, зеленчук и млечни производи со намалена масленост, намалување на храната што изобилува со заситени масти и холестерол, повеќе житни растенија со цело зрно, риба, живина и јатки, помалку црвено месо и благо, внесување храна богата со магнезиум, калиум и калциум.

Препорачани продукти

Храна богата со калиум

Овошјето и зеленчукот богати со калиум играат важна улога во редуцирањето на крвниот притисок. Обидете се да внесувате барем 2.000 милиграми калиум дневно. Слатките компири, доматите, сокот од портокал, компирите, бананите и сушените овошја се богати со калиум.

Лута пиперка

Лутата пиперка е едно од најбрзите средства за намалување на крвниот притисок. Овој производ ги шири крвните садови и овозможува послободен проток на крвта. Измешајте една или две чајни лажици лута пиперка во топла вода со мед и алое вера и ќе добиете домашен лек против хипертензија. Ако овој пијалак е премногу лут за вас, земајте ги лутите пиперки во облик на суплементи.

Бадеми

Секојдневното јадење непечени бадеми може да направи значајна разлика во одржувањето на нивото на крвниот притисок. Тие се клучни за регулирање на хипертензијата бидејќи се богати со незаситени масти, кои помагаат при намалување на нивото на холестерол во крвта, ублажување на воспленијата на артериите и намалување на крвниот притисок.

Какао

Богато со флаваноиди и други противвоспалителни хранливи состојки, какаото е уште едно прехранбено оружје против хипертензија. Флаваноидите во какаото дејствуваат како адаптогени помагајќи му на телото подобро да се справи со стресот, кој е чест причинител за хипертензија, и ги прават крвните садови поеластични. Покрај тоа, помагаат и во намалување на стресните хормони, кои играат клучна улога во регулацијата на крвниот притисок. Флаваноидите во какаото воедно штитат од срцеви болести, кои често се поврзуваат со високиот крвен притисок. Темното чоколадо, кое во висок процент содржи какао, исто така е моќен сојузник против крвниот притисок.

Куркума

Една од познатите прехранбени предности на куркумата се однесува на нејзините способности за намалување на воспаленијата во целото тело. Бидејќи воспаленијата се примарната причина за високиот холестерол и високиот крвен притисок, куркумата може да помогне во подобрување на кардиоваскуларните функции и одржување здрав проток на крвта. Кога се зема во комбинација со црн пипер, помага во опуштање на крвните садови и исфрлање на задржаната вода.

Лук

Лукот е уште еден природен лек кој го намалува нивото на холестерол, како и високиот крвен притисок. Ако сакате да го избегнете непријатниот мирис, користете суплементи во облик на таблети или капсули.

Чај од хибускус

Три чаши чај од хибискус дневно може да ви помогнат во намалување на крвниот притисок. Фитохемикалите во хибискусот се одговорни за редукцијата на крвниот притисок.

Внимавајте на:

Солта

Многу од луѓето што страдаат од висок крвен притисок се чувствителни на сол. Затоа што не може да се одреди дали некоја индивидуа е сензитивна на натриум, секој треба да го намали внесувањето сол во организмот.

Кофеинот и никотинот

Кофеинот го зголемува крвниот притисок преку затегање на крвните садови, како и поради зголемување на ефектот на стрес. Кога сме под стрес, нашето тело пумпа повеќе крв, со што се зголемува крвниот притисок. Кофеинот само ја влошува работата. Пијте кафе без кофеин ако веќе морате. И заборавете ги цигарите.

Физичка активност

Физичката активност е добра за секој дел од телото. Вежбањето му помага на срцето да го користи кислородот поефикасно, па препорачливо е да вежбате кардио-вежби од 30 до 60 минути, повеќе денови од неделата. Се препорачува пешачење, возење велосипед, јога и слично, како и комбинација на повеќе техники на вежбање.

Релаксирајте се со музика

Сакате да го намалите крвниот притисок? Во едно истражување, каде што биле вклучени 28 возрасни луѓе што слушале класична, келтска или индиска музика 30 минути дневно додека дишат бавно, било докажано дека музиката може да го намали крвниот притисок.

Scroll to Top