Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, вчера присуствуваше на трката за подигнување на свеста за ракот на дојката Race for the cure во Градскиот парк во Скопје. Со неа беа и министерот за здравство, Венко Филипче и американската aмбасадорка во земјата, Кејт Брнс. Организатор на настанот е Здружението „Борка“, кое се приклучи на кампањата, која се одвива речиси во многу европски држави и градови, а кај нас кампањата и финалните настани, освен во Скопје, ќе се одржат во 13 града.
„Овој настан се одвива на прагот на октомври, уште еден светски месец на борба против ракот на дојката. Сите сме свесни дека овој пат имаме навистина тешка ситуација обременета со заканата од коронавирусот, кој практично го видоизмени целиот свет. Во текот на октомври многу светски знаменитости ќе светат во розова боја, а со тоа да привлечат внимание за важноста од раната дијагностика од ракот на дојката и затоа денес ќе потсетам на главното правило во животот – подобро да се спречи отколку да се лечи. Ве молам, практикувајте самопрегледување на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамографии“, рече сопругата на претседателот Пендаровски, докторка Елизабета Ѓеоргиевска.
Розовата панделка е симбол на борбата против оваа болест и симбол на поддржување на сите што се засегнати. Розовата панделка ја носат излечените, но и сите оние што сакаат да ја подигнат свеста за оваа болест, која, всушност, е една од најсмртоносните болести кај жените.