Русите први во светот регистрираа вакцина против Ковид-19

Вакцината против коронавирус која е создадена во институтот „Николај Гамалеј“ во Москва, ќе биде регистрирана до 12 август, а истата ќе почне да се дава на луѓе на 15 август. Во тек е финалната постапка и експертите сега треба да дадат согласност за издавање официјална регистрација и дозвола за широко распространета употреба на вакцината.

Првите корисници ќе бидат луѓе од оние професии што можат да бидат заразени најбрзо и кои се најекспонирани. Меѓу нив има полицајци, војници, наставници… Масовната вакцинација во Русија се очекува да започне за половина година. Лекарите очекуваат дека граѓаните ќе можат да се вакцинираат во здравствените центри во јануари и февруари 2021 година.

Најавено е дека Русите вакцината ќе ја добијат бесплатно и нема да биде задолжителна. Засега е непознато која ќе биде цената на извозот. Се верува дека руската вакцина е меѓу најевтините. Најскапата е американската која ја произведува „Модерна“ и ќе чини меѓу 50 и 60 долари за две дози. Американската компанија „Физер“ и германската „Бонтек“ ќе ги продадат своите вакцини за околу 20 долари по една доза. Британско-шведската „АстраЗанека“ ги продава своите дози од 3 до 4 долари.

Фактот дека Русија ќе биде прва што ја регистрира својата вакцина, многумина ја сметаат за прашање на државен престиж. Така, Кирил Дмитриев, генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, го спореди правењето на вакцината против короната со лансирањето на првиот сателит во вселената.

„Како што беа изненадени кога првпат го слушнаа сигналот од вселената, така Американците ќе бидат шокирани кога ќе видат дека Русите први ја регистрирале и вакцината“, вели Дмитријев.

Scroll to Top