Руската вакцина за хрватските епидемиолози е несигурна опција

Дијана Маер, епидемиолог во Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ) и водач на Одделот за следење и унапредување на здравјето на деца и млади во училишна возраст, смета дека руската вакцина против Ковид-19 е несигурна опција. Таа смета дека оваа вакцина не треба да има комерцијална употреба бидејќи се поминати помалку од два месеца клинички испитувања врз луѓе. Маер вели дека нема научни докази дека вакцината е безбедна и делотворна.

„Руското Министерство за здравство ја одобри, но нема научни докази за вакцината. Таа не е ниту на списокот на СЗО. Според СЗО, вакцината во моментот е во првата фаза на клиничко испитување. Ваквите испитувања се состојат од четири фази, а дури по третата фаза лекот, или во овој случај вакцината, може да се регистрира за поширока употреба. Колку што знаеме, оваа вакцина ја добиле 67 лица, што е премалку за какви било заклучоци, а не, пак, за безбедност или ефикасност за нашите пациенти“, рече Маер во интервју за телевизијата РТЛ.

На прашањето колку е реално таква вакцина да влезе во комерцијална употреба и дали Хрватска би се одлучила за неа, Маер одговара дека тоа не би смеело да се случи.

„Ни случајно. Во медиумите пишува дека Русите треба да почнат со широко вакцинирање во октомври, што е многу рано, премногу оптимистично, нереално за мене. Русите наводно почнале клинички студии во мај. Речиси е невозможно Хрватска да биде меѓу кандидатите да ја земе вакцината до октомври. Речиси сум сигурна дека Хрватска нема да ја користи оваа вакцина“, додала таа.

Рускиот претседател, Владимир Путин, кој ја соопшти веста за вакцината, вчера рече дека и ќерка му се вакцинирала. Тој додаде и дека 20 земји веќе побарале да откупат количини од вакцината. Според Маер, тоа било претерано.

„Имам ќерка и сигурно не би ја вакцинирала со таа вакцина, а верувам дека и многу мои колеги тоа не би го направиле. Кога вакцината научно докажано ќе биде безбедна, делотворна, кога ќе имаме доволно научни докази, тогаш секако ќе го вакцинирам своето дете“, вели епидемиологот Маер.

Scroll to Top