Вакцинацијата против Ковид-19 се очекува пред Божик, тврди вирусолог од „Оксфорд“

Тим научници на „Оксфорд“ е пред крај на клиничкото испитување на вакцина против коронавирусот. Вирусологот од „Оксфорд“, Роб Ламкин Вилијамс, за РТС изјави дека е во тек глобално производство на вакцината. Во испитувањето се вклучени над 10.000 луѓе од сите возрасти во Британија и други делови во светот. Првите вакцинанции се очекуваат пред крајот на годината.

На прашањето колку е блиску Британија до развојот на вакцината, тој рекол дека очекува таа да биде на пазарот пред крајот на годината.

„Многу блиску. Со оглед на тоа дека во тек е огромно клиничко испитување, групата од ‘Оксфорд’ се надева, иако сè уште нема никакви гаранции, дека првите вакцинации ќе почнат пред Божик. Вакцината веќе се произведува на неколку локации во Европа и Америка и што е уште поважно, во Институтот ‘Серум’ во Индија. Значи, веќе е во тек глобално производство на вакцината, која ќе биде употребена ако клиничките испитувања се покажат успешни“, изјавил тој.

Вилијамс додал дека во испитувањето се вклучени луѓе на сите возрасти и испитаници кои спаѓаат во ризични групи.

„Во ова студија луѓето добиваат или вакцина или плацебо, а ни самите ни лекарите што им ја даваат вакцината не знаат дали е вистинска или не. Кога студијата ќе биде завршена, ќе се споредат резултатите од вистинската вакцина и плацебото. Се надеваме дека вакцината ќе дејствува“, рекол Вилијамс.

Во тек е производство на две милијарди вакцини, од кои половина милијарда се произведуваат во Индија.

Вилијамс рекол дека засега не знае дали вакцинацијата ќе се одвива во две фази затоа што не знаат дали заразата создава имунитет.

„Минатата недела е објавена студија дека заразените произведуваат антитела, но дека нивната концентрација се намалува во рок од шест месеци. Не знаеме колку време по заразата луѓето се имуни, така што е можно да биде потребна ревакцинација. Уште не знаеме доволно за самиот вирус. Минатиот Божик не знаевме ништо за вирусот. Никогаш досега не е развиена вакцина за една година“, открил тој.

Вирусологот вели дека една од предностите на оксфордската група што ја развива вакцината е во тоа што работела на слична вакцина за сличен вирус што го предизвикува МЕРС или блискоисточниот распираторен синдром.

„Тоа значи дека основата на развојот на вакцината и нејзината безбедност веќе постоеја во извесна мера. Станува збор за приспособување на вакцината на новиот вирус. Исто така, тоа значи дека многу безбедносни мерки се преземени и продолжуваат и сега“.

Во врска со цената за вакцината, тој рекол дека Глобалната инцијатива за вакцинација (ГАВИ) ќе им помогне и на најсиромашните земји да стигнат до неа.

„Цената се споредува со таа за еспресо, но за некои земји и тоа е многу. ГАВИ финансиски ќе им помогне и на најсиромашните земји да дојдат до вакцината“, вели вирусологот.

Лемкин Вилијам вели дека ова е прва од многуте вакцини против Ковид-19 и дека секоја наредна ќе биде посовршена од претходната.

Scroll to Top