Велика Британија ја одобри вакцината на „Фејзер“ против коронавирус

Велика Британија денес стана првата држава во светот, која ја одобри употребата на вакцината против коронавирус, на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“. Властите најавија дека овие вакцини ќе можат да се користат од почетокот на наредната недела.

„Владата денес ја прифати препораката на Агенцијата за лекови и здравствени производи и ја одобри употребата на вакцината на компаниите ‘Фајзер’ и ‘Бионтек’“, соопштија од британската влада, а пренесе „Ројтерс“.

Британскиот здравствен комитет ќе одлучува кои се приоритетни групи кои први ќе бидат вакцинирани, а тука спаѓаат штитениците од установите за нега на стари и немоќни лица, здравствени работници и постарите Британци кои патат од хронични заболувања.

Британските власти соопштиле дека итното одобрение за примена на овие вакцини, е историски момент во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Министерот за здравство Мет Хенкок, најави дека програмата на вакцинација ќе започне веќе од следната недела, како и дека британските болници се подготвени за таа работа.

Тој за „Скај њуз“, изјави дека тоа е фантастична вест. Вакцината се смета за најдобро медицинско средство против пандемијата на коронавирусот, која би овозможила на светот да се врати во нормала.

Scroll to Top