Брановидни кадрици, кои беа популарни во 70-тите, сезонава ќе се носат со патец настрана, детаљ карактеристичен за 40-тите години на минатиот век, како и со затегната коса на врв на главата. На повеќето ревии доминантни беа ретро бранови, кои се разликуваат по големината.
- Кркми
Рамни, густи, префрлени преку едната страна, скалесто потстрижени, тие дефинитивно се враќаат на голема врата: за некои форми на кркми не ни се потребни ножици бидејќи се креираат со префрлување на едно подолго перче преку челото, кое треба да се прицврсти со шнола.
- Затегнато
И за преку ден и за навечер. Косата е затегната, повлечена наназад и сосема рамно зачешлана во задниот дел. Исто така, уште една варијанта на овој стил е фризура затегната во тилот, со спуштени брановидни перчиња до краевите.
- Вовлечени перчиња
Доста лежерен стил со лабаво навиткани и вовлечени перчиња во кок или во коњско опавче, забележани на модните писти уште лани. Овој стил ќе биде уште еден што ќе биде актуелен претстојната сезона, особено кога собраната коса е вовлечена во широка рол-јака.
- Мокро и заплеткано
Еден од трендовите што е најтешко да се преведат во реалниот живот: мокри и доста заплеткани бранови во косата. Нешто пореална варијанта на овој стил е мокра коса собрана во коњско опавче.
- Елегантно ниско коњско опавче
Разни верзии на ниско коњско опавче, со целосно зачешлана коса и јасен патец или со патец настрана. Уште еден впечатлив детаљ е многу сјајна и рамна коса.
- Природно
Без разлика дали се работи за виткана, брановидна, рамна, кратка, паж или за коса до половина на грбот, фризерите ја нагласуваат природната текстура, без да употребат производи за стилизирање.
- Кокови во стил на херојките на Хичкок
Елегантни, високо врзани кокови совршено прилегаат со елегантната облека.
- Панк/рок-бунт
Иако повеќето од нас ќе изберат елегантни и префинети фризури, не се сомневаме дека оние посмелите ќе го прифатат панк/рок-стилот со кренати боцкави прамени во боја, во стилот на рокерите од 70-тите и на панкерите од 80-тите години.
- Микробрановидно
Мали и еднакви бранови се креираат едноставно – кога ќе ја расплетеме плетенката, а оправдано заслужуваат свое место помеѓу хит-фризурите оваа сезона.