„Борис Трајковски“ станува „Т Арена“ – Македонски Телеком влегува во стратешко партнерство со спортскиот центар

Најголемата спортска и концертна арена во Македонија наскоро ќе добие ново име и нов визуелен идентитет. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и „Македонски Телеком“ официјално објавија почеток на стратешко партнерство, со кое арената ќе биде преименувана во „Т Арена“ (Т-Аrena).

Како дел од договорот, предвидено е спортскиот комплекс да добие и нов изглед, при што внатрешноста и надворешноста на објектот ќе бидат адаптирани во препознатливите розово-виолетови бои на брендот на „Македонски Телеком“.

Главниот извршен директор на „Македонски Телеком“, Горан Марковиќ, истакна дека проектот претставува многу повеќе од обична промена на името.

„‘Т Арена‘ е многу повеќе од ново име. Таа е симбол на нашата долгорочна посветеност кон заедницата и кон вредностите што ги обединуваат луѓето – спортот, културата и заедничките искуства. Горди сме што стануваме дел од оваа приказна и веруваме дека ова ќе донесе нова енергија, нови можности и дополнителна вредност за посетителите и за целата јавност“, изјави Марковиќ.

Од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ очекуваат партнерството да придонесе за понатамошен развој на арената и нејзино позиционирање како значаен регионален центар за спортски, културни и забавни настани.

Директорот на центарот, Данијел Апостолоски, нагласи дека новото партнерство отвора ново поглавје во развојот на комплексот.

„Партнерството со ‘Македонски Телеком‘ отвора ново и возбудливо поглавје во развојот на нашиот спортски центар. Заедно ќе работиме на унапредување на искуството за посетителите, привлекување нови настани и дополнително позиционирање на арената како регионален центар за спорт, култура и забава“, изјави Апостолоски.

Ова не е првпат арената да добие комерцијално име преку корпоративно партнерство. Во 2016 година, спортскиот центар склучи договор со телекомуникациската компанија ВИП, по што салата беше преименувана во „ВИП Арена“, а подоцна и во „А1 Арена“.

Сепак, името „Борис Трајковски“, кое го носи во чест на поранешниот претседател на Македонија, останува длабоко препознатливо кај јавноста и спортските љубители.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е дом на бројни спортски натпревари, концерти, саеми и меѓународни манифестации и важи за еден од најзначајните мултифункционални објекти во државата.

Промената на името и визуелниот идентитет се очекува да биде реализирана во наредниот период, кога арената официјално ќе започне да функционира под новиот бренд „Т Арена“.

Scroll to Top