Коњановски: Поддршката на женското претприемништво останува приоритет за развојот на Битола

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска присуствуваше на конститутивната седница на вториот по ред Совет за женско претприемништво, кој претставува советодавно и координативно тело формирано со цел поттикнување, развивање и поддршка на женското претприемништво.

Советот има за задача да придонесе кон економско зајакнување на жените и унапредување на локалните политики поврзани со претприемачкиот развој во Битола. На седницата, Коњановски изрази благодарност до досегашниот состав за нивната посветеност и реализираните активности, нагласувајќи дека тие претставуваат препознатлив и значаен фактор не само во градот, туку и пошироко.

„Со вашите активности и ангажман давате силен поттик за младите жени да започнат сопствен бизнис, да се охрабрат и да останат во Битола, што е од исклучително значење за развојот на локалната економија“, истакна Коњановски.

На конститутивната седница, за претседавач беше избрана Моника Марковска, доктор по менаџмент, за заменик-претседавач Павлина Василевска, дипломиран економист, додека функцијата секретар ќе ја извршува Анита Крстевска, исто така дипломиран економист.

На седницата присуствуваа и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, како и претседателката на Комисијата за еднакви можности, Марина Крстиќ, која воедно е советничка и заменик-градоначалничка.

Scroll to Top