Коалицијата ВЛЕН го поздрави изборот на Јустина Широка-Пула за претседателка на Косово, оценувајќи дека политичкиот договор покажал оти дијалогот и почитувањето на институциите можат да помогнат во надминување на политичките кризи.
„Косово покажа дека демократијата, политичкиот дијалог и почитувањето на институциите се патот за надминување и на најтешките политички ситуации“, наведуваат од ВЛЕН во објавата.
Од коалицијата сметаат дека изборот на Широка-Пула става крај на институционалниот застој и отвора пат за целосно функционирање на косовските институции. Тие ѝ посакаа успех во новата должност и изразија уверување дека нејзиното искуство во политиката, образованието и науката ќе придонесе за зајакнување на претседателската институција и стабилноста на земјата.
ВЛЕН го поздрави и политичкиот договор за усвојување, во второ читање, на измените на Законот за Специјалниот суд. Според коалицијата, постигнатиот договор покажува дека и за чувствителни прашања може да се најде решение кога постои подготвеност за разговор.
„Сега е време институциите да функционираат, политиката да се фокусира на граѓаните, а Косово да продолжи напред со стабилност, одговорност и демократија“, порачаа од ВЛЕН.





