ВЛЕН: Случајот со младите од Сарај да се расветли до крај, одговорност за секое прекршување на законот

ВЛЕН бара целосна и непристрасна истрага за случајот со двајцата млади од Сарај кои пријавиле малтретирање од полициски службеници. Доколку се утврди пречекорување на овластувањата или прекршување на законот, од партијата инсистираат одговорните да понесат законска одговорност.

Во соопштението изразуваат длабока загриженост и сочувство со младите и нивните семејства, нагласувајќи дека секој граѓанин има право на достоинствен третман, заштита и правда.

„Насилството не може да се оправда со униформа, а секое пречекорување на овластувањата и секое прекршување на законот мора да добие соодветен одговор“, порачуваат од ВЛЕН.

Од партијата наведуваат дека, како албанска политичка партија во власта, активно се интересирале за случајот и го следат неговиот развој.

ВЛЕН ја поздравува истрагата што ја спроведуваат надлежните механизми за внатрешна контрола и бара постапката да биде сериозна, непристрасна и транспарентна. Воедно, го повикува Обвинителството да ги преземе сите неопходни законски дејства врз основа на доказите и наодите.

Одговорност според постапките, а не етничката припадност

Во соопштението, ВЛЕН ја обвинува опозицијата дека се обидува на случајот да му даде националистички призвук и да го искористи за поттикнување меѓуетнички тензии.

Според информациите на кои се повикува партијата, полициските службеници осомничени за вмешаност припаѓаат на три различни етнички заедници. Од ВЛЕН нагласуваат дека одговорноста треба да се утврдува врз основа на фактите, доказите и конкретните постапки на секое лице.

„Правата на граѓаните, човечкото достоинство и спроведувањето на законот немаат етничка припадност“, наведуваат од партијата, осудувајќи ги насилството и обидите случајот да се искористи за ширење омраза и поделби.

ВЛЕН порачува дека младите и нивните семејства заслужуваат вистината да биде утврдена и правдата да биде задоволена, а институциите да постапат одговорно и во согласност со законот.

„Истрагата мора да оди до крај. Вистината мора да се расветли и, доколку се утврдат прекршувања, одговорните мора да понесат одговорност, без исклучоци и без разлики“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top