Андреј Папаз Ѓоргиевски: Жените ова лето со костими за капење во реси, мажите во морнарски бои

Андреј Папаз Ѓоргиевски е релативно млад моден дизајнер и костимограф во Македонија. Има завршено студии по моден дизајн на Универзитетот ФОН и својата кариера ја започнува уште за време на своите студии, соработувајќи со естрадни личности, работејќи на разни едиторијали за месечни и неделни магазини.

Како прв сериозен проект на кој работел е „Македонски идол”, каде што заедно со своите колеги им ги подготвувал стајлинзите на изведувачите, а потоа се случува и евровизискиот проект во 2013 година, каде што заедно со неговата колешка Викторија Арсовска му го креира костимот на Влатко Лозаноски.

Својата кариера ја продолжува со голем број на костимографии за претстави ширум македонските театри, а и костимографии за телевизиски серии. Препознатлив е по раскошните креации и гламурозните фустани. Еве какви совети може да даде во пресрет на летната сезона:

Репортер: Летната сезона е во полн ек, какви костими за капење може да носат ова лето мажите и жените?

Папаз: Летото секогаш асоцира на исончани тела, коктели и плажа, така што костимите за капење би ги обоил во нијанси на летни освежувачки коктели. На темен тен одлично прилегаат костими во силни бои, дали било тоа интензивна портокалова, лилава, зелена, розова. Како модел ги сакам оние костими со геометриски форми, а за оние похрабрите кои сакаат да изгледаат модерно на плажа ги препорачувам костими за капење украсени со реси, кои даваат заиграност на женската силуета. За оние поотмените црно белата комбинација е секогаш ин, надополнета со раскошен сламен шешир. Додека за посилниот пол ги предлагам кратките шорцеви во сите нијанси на сино, морнарски, како асоцијација за море и вода.

Репортер: Какви бои потребно да се изберат? На високи температури како прикладно да се облечат за работните обврски?

Папаз: На летните горештини многу е тешко да се прилагоди сопствениот стил и работниот изглед, наспроти екстремно високите температури. Затоа ленот е вистинскиот избор, каде комбинацијата на сина, бела и кафеава боја ќе го задржи професионалниот впечаток, а строгиот крој ќе даде дефиниција во целиот изглед. Како дополнителни парчиња кои ќе го потпомогнат овој изглед би биле убави мокасини, рачен часовник, ленено сако, кожен плетен каиш, поло маички и слим класични панталони.

Репортер: Што не смеат да носат ова лето, што би забранил?

Папаз: Оваа сезона се тотално аут цветните дезени, гломазните ланчиња, шарените чанти. Непотребното носење на високи потпетици и некорисно и мачно, затоа мокасините па дури и спортските патики комбинирани со класичен изглед може да изгледа модерно и впечатливо.

Репортер: Колку се важни модните летни детали?

Папаз: Деталите се дефиниција на целиот изглед. Мој избор се рачни часовници, дискретен накит и убави шешири. А тука се и неизбежните очила за сонце, со авијатичарска форма, со сини или кафени стакла.

 

 

Љ.В.

Scroll to Top