Елена Лука приреди вистински моден спектакл во Тетово

Елена Лука вчеравечер во Тетово приреди вистинска празнична модна магија.

Со импозантна модна ревија ја заокружи годината и започна нова модна приказна со отворањето на новиот продажен салон во Тетово.

Раскош и убавина, во своето најсовршено издание, беа прикажани преку еден детално осмислен концепт, сместен во бајковит амбиент.

На писта продефилираа над 70 волшебни дизајнерски креации, што воодушевуваа со препознатливиот моден сензибилитет на Елена Лука.

Гламурозни свечени тоалети, деликатни кроеви, богата рачна изработка, атрактивни и уникатни дизајни, гламурозни венчаници вчеравечер ја креираа модната приказна која долго ќе се раскажува.

„Ви благодарем на сите што дојдовте, за мене е огромна чест што вечерва ЕЛЕНА ЛУКА започнува една нова приказна и станува дел од овој прекрасен деловен центар во Тетово. А во Тетово сме затоа што овој град ја сака ЕЛЕНА ЛУКА. Со години работиме со тетовчани и морам да кажам дека тие се една профилирана публика која препознава квалитетна естетика. Навистина сум среќна што меѓу вас гледам многу долгогодишни пријатели, соработници и блиски членови на моето семејство кои секогаш се голема поддршка за мене. На моја огромна радост гледам и многу нови лица со кои сигурна сум дека ќе оствариме нови пријателства и многу успешни соработки, затоа што сите зборуваме еден заеднички јазик, а тоа е јазикот на модата“, Елена Пандева, сопственичката и генерален менаџер на брендот, ја поздрави својата многубројна публика.

Водителскиот пар на вечерта, нашето познато тв лице Ирена Спировска и актерот Исамил Касуми, ја водеа публиката низ модната сказна на Елена Лука, а зад магичните звуци на харфа што ја надополнуваше атмосферата, беше харфистката Мерсиха Шукри.

Scroll to Top