Фустанот во кој Леди Ди танцуваше со Џон Траволта повторно на аукција

Фустанот што го носеше принцезата Дајана кога танцуваше со Џон Траволта на свечена вечера во Белата куќа во 1985 година, повторно ќе се најде на аукција на 9 декември, објави лондонската аукциска куќа „Кери Тејлор“.

Леди Ди на вечерата носеше кадифен темносин фустан со големо деколте, креиран од Виктор Еделштајн. Вечерата ја приреди тогашниот претседател Роналд Реган во чест на кралската двојка. Фустанот го привлече вниманието на јавноста најмногу затоа што покојната принцеза танцуваше во него со холивудската ѕвезда Џон Траволта. Сопственичката на аукциската куќа тврди дека принцезата Дајана пред да отпатува во Америка изразила желба да танцува со славниот актер.

Фустанот претходно беше продаден на аукција во 2013 година, на анонимен понудувач кој го купил како изненадување за неговата сопруга. Се проценува дека фустанот ќе се продаде за 250.000 до 350.000 фунти.

Scroll to Top