(Галерија) Атиџе е новата муза на модниот бренд „Кензо“

Атиџе Муратова и македонскиот документарен филм „Медена земја“ се инспирација за новата пролетна колекција на модниот бренд „Кензо“. Во колекцијата на португалскиот дизајнер Фелипе Оливиера Баптиста доминираат креации со пчеларски превез, а тој вели дека медената пчеларка е неговата нова муза.

„Тоа е една од најдревните соработки помеѓу човекот и природата. Сакав да ја изразам кршливоста на ситуацијата во која се наоѓаме. Сите го гледаат дното на ситуацијата, но ние одиме високо и сонуваме за оптимизам и иднина. Моделите се однесуваат на филмот ‘Медена земја’ и поврзаноста меѓу пчеларката Атиџе и пчелите“, вели Баптиста за своите дизајни.

Сликите од ревијата на „Кензо“ ги објави и модното списание „Вог“. Па освен што ја пофали новата колекција, напиша и дека филмот го прикажува контрастот помеѓу Атиџе, главната хероина која ги почитува пчелите и им остава половина мед за да преживеат, и нејзините соседи, кои ги искористуваат природните ресурси и ги убиваат пчелите.

За потсетување, документарецот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов доби две номинации за „Оскар“ – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Тој се запиша во историјата на „Оскарите“ како прв документарен филм номиниран во две категории.

Scroll to Top