(Галерија) Росица Мршиќ има нова модна колекција: ведри дизајни создадени во изолација

Модната дизајнерка Росица Мршиќ ја претстави својата најнова колекција Colorscape, која ја работеше во изолација. Ова е нејзината 23. колекција од создавањето на брендот во 2009 година.

„Новата колекција е инспирирана и разработена по принципите на апстрактниот класицизам во  сликарството, чии зачетоци се во 50-тите години во Калифорнија, САД. Дефинирани рабови, апстрактни геометриски форми, индустриски сензибилитет, пулсирачки бои и форми и слоевити модели. Колекцијата е одговор на новата реалност и потребите што ги живееме: нуди ведро и позитивно чувство, отсликува релаксираност и потреба за разиграност“, вели дизајнерката.

Дизајнерката Росица Мршиќ

Креациите се фини и деликатни материјали, со графичност и апстрактни форми во својот крој и јасно дефинирани геометриски линии преку кои се спојуваат контрастните бои. Акцентот и во оваа колекција е ставен на фустаните што испраќаат порака, а по кои е препознатлива дизајнерската работа на Росица Мршиќ. Колекцијата се состои од разни day to night комбинации, кои може да бидат стилизирани на повеќе начини: спортски, елегантни и софистицирани кежуал. За дополнување на изгледот, изработени се марами со комбинирани впечатливи бои.

Росица Мршиќ е интернационално наградувана дизајнерка, чија работа досега била присутна во многу странски земји и градови: Њујорк, Виена, Цирих, Лозана, Минхен, Софија, Белград, Дубаи, Љубљана, како и во реномираната американска стоковна куќа Macy’s.

Scroll to Top