Моден викенд Скопје со дизајни инспирирани од природата ќе се одржува во три града

Најголемото модно случување во земјата овој пат e во знакот на мултимедијалниот проект #NоWаsteMК, со богата тридневна програма што ќе се реализира од 1 до 3 октомври, и тоа на три различни македонски локации: Скопје, Битола и Штип.

Дигитални модни презентации и ексклузивен шоурум со новите колекции на млади и докажани имиња од нашата сцена, уметнички перформанси и изложби и на продукти од светски признати домашни иноватори, едукативни работилници, тркалезни маси и онлајн дискусии со врвни професионалци од креативната индустрија, како и дегустација на најдоброто од македонската гастрономија, претставува само дел од она што јавноста ќе има можност да го искуси првиот викенд од месец октомври.

Под слоганот „Beyond the Fields”, есенскoто издание на Моден викенд ќе се одржи премиерно во Битола и Штип во периодот од 1.10.2021 (петок) до 3.10.2021 (недела). Изборот на различни локации надвор од градот Скопје е во духот на занимливиот проект #NoWasteMК, кој ќе се одвива во рамки на дваесет и четвртата сезона на настанот, реализиран со грант од Circular Design Assembly доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation.

„Моден викенд Скопје отвора ново поглавје за животоносна кружна иднина, кое ќе ги поврзе најпрогресивните поединци и групи од индустријата. Обединувајќи ги уметноста, науката и бизнис-иницијативите со иновативниот дизајн, технологиите и материјалите кои го елиминираат отпадот и загадувањето, нашата мисија е да оствариме позитивно влијание врз модниот синџир на вредности низ целата земја. Инспирирани од природата за природата.” – велат  организаторите на настанот.
Настанот е фузија од физички и виртуелни активности поддржани од Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер и македонскиот огранок на Fashion Revolution, кои ќе ги валоризираат вредностите на циркуларната економија како модел за одржлив развој и ревитализација на животната средина на локално и глобално ниво.

 

Scroll to Top