Вчеравечер во хотелот „Мериот“ со ревијата „Подем на гревот“ на „Папаз“ започна шеснаесеттиот Моден викенд Скопје.
Дизајнерот Андреј Папаз Ѓоргиевски инспирацијата за оваа ревија ја добил од приказната за Содома и Гомора, два библиски града, синоними за грев, блуд и разврат. Колекцијата ја нагласува женската сексапилност инспирирана од човековата сексуалност и хедонизам. Дизајнерот употребил повеќе видови еко кожа, свилен жоржет, штоф и чоја.
„Деталите се преземени од традиционалната облека од Блискиот Исток“, вели Ѓоргиевски за својата колекција.
Колекцијата на Sigma Jewelry е инспирирана од богатата традиција, засилена со тонови на розово и бело злато, проткаена со модерен изглед кој ги отвора сетилата на секоја жена. И оваа сезона тие на публиката ѝ претставија уникатни парчиња накит кои симболизираат среќа, женственост и елеганција.
Трета ревија на првата вечер на Моден викенд Скопје беше колекцијата „Маршот на боговите“ на дизајнерката Викторија Арсовска.
„Сакав да прикажам женственост и сексапил преку кроевите инспирирани од машки униформи и преку машката грубост на посебно избрани материјали. Во колекцијата доминираат корсети подзатскриени со капути и елеци од чоја и кожа, свилени фустани во комбинација со кожени ремени и метални копчиња, а лелеавоста на истите се противи на крутиот штоф,“ вели дизајнерката.
Првата вечер на Моден викенд Скопје заврши со претставувањето на колекцијата Art Deco на „Ателје Коцарева“, женствена, деликатна и раскошна колекција која раскажува приказна за безвременска жена изразена преку софистицирана, гламурозна, а смела визија.
„Секое парче е индивидуализирано, изработено од уникатни материјали, природни пердуви, рачни везови, и на посебен начин го осликува совршениот стил на 20-те години од минатиот век,“ вели дизајнерката Моника Коцарева.