„Стоп на трговијата со луѓе“ е пораката на Модниот викенд – Скопје

На 22 октомври во хотелот „Мериот“ почнува Модниот викенд – Скопје и ќе трае до 25 октомври, кога ќе биде и затворањето во иновативниот центар на „Македонски телеком“ . Ова е шеснаесетто издание на Модниот викенд – Скопје, чии модни ревии го доближуваат градот до модните трендови и тенденции. Дизајнерите ќе ги прикажат есенските изданија на своите колекции. Како и секоја сезона така и оваа Модниот викенд – Скопје ја испраќа својата порака кон јавноста со кампања, која овој пат е борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

Сезоната есен-зима 2017/2018 ќе ја отвори ревијата на „Папаз“ и колекцијата „Подем на гревот“, чии креации ги потпишува дизајнерот Андреј Папаз Ѓоргиевски. Потоа следи најновата колекција на „Sigma Jewelry“, па колекцијата „Маршот на боговите“ на Викторија Арсовска и за крај „Art deco“ на „Ателје Коцарева“. Вториот ден ќе почне со студентите кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева од

„Институтот за дизајн и инжењеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.

Следуваат ревиите на Сара Реџиќ и колекцијата „Бохемијан рапсоди“, најновата колекција на„Марсин“ наречена „Инсајд аут“ која ја потпишува Марија Трајанова, за првпат „Мина фешн“ и колекцијата „Love the spark“, и за крај на вечерта „Драма студио“ со колекцијата „Концепт 2020“.

Претпоследниот ден на есенскиот моден викенд ќе го отвори ревијата на ателјето „Алшар“ и колекцијата „Калеш Анѓа“. Следуваат ревиите на „Walone fashion group“ и за првпат српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ со колекцијата наречена „42“. Вечерта ќе ја заокружи ревијата на „Shaleva Couture“ со колекцијата „French elegance“. Шеснаесеттиот Моден викенд – Скопје ќе биде затворен на 25 октомври во Иновативниот центар на Македонски телеком со мултимедијална презентација на Ирина Тошева.

Scroll to Top