Реномирани дизајнери и млади таленти од Македонија и странство ќе бидат дел од 22. Моден викенд Скопје, што под мотото „Свесна мода“ ќе се одржи од 1 до 3 октомври во „Јавна соба“.
Модниот викенд ќе почне со музички перформанс на Gloomié на 1 октомври во 19 часот. Овој пат модните случувања се замислени како тридневен „поп-ап“ настан со продажен шоурум, арт-инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен од 10 до 22 часот в петок (02.10) и в сабота (03.10).
Меѓу дизајнерите кои ќе ги прикажат своите креации во шоурумот се еминентни и перспективни дизајнери и брендови од земјата и странство, како Ирина Тошева, Евгенија Зафировска, Терзија, Пара Тодос, Стефанија Насеска, Минимал МК, Седум, Мелем, Сенка и други.
„Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови кои вреди да ги види публиката. Главна цел како организациски тим ни е да им пружиме максимална поддршка на креативците во моментот, а се фокусираме на врвните имиња, но и на новите таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата. Тие се модните херои на денешницата, бидејќи позитивно влијаат на свеста на заедницата“, вели Милан Атанасов, пиар на Моден викенд Скопје.
Коорганизатор за реализација на проектот „Свесна мода“ е и берлинската консалтинг-агенција Onlyafew.