Валентина Дамјановска (53) од Скопје е уличен продавач на накит, која веќе 12 години изработува рачно направени обетки, алки, ланчиња.
Нејзината тезга на улица Македонија лесно ќе ја препознаете, сместена е на коцкастата улица после хотел Бристол. Љубезна, со убав збор ќе ви понуди од изработките на кои посветила часови и се уникатни.
Најчесто изработува полу-драги камења, и ги комбинира со други материјали, вели дека тоа најмногу сака да го прави бидејќи може да остави личен печат. Но во изработката користи други материјали како дрво, метал и жици.
Покрај случајните минувачи чести муштерии ѝ се странците.
„Последниве три години поради короната малку е поразлично, порано беше поинаку. Изминатите години имаше многу повеќе странци, не знам дали тоа беше поради рекламите за Македонија“, раскажува Валентина за Репортер.
Купуваат и наши граѓани најчесто за подарок или за себе, но повеќе застануваат странци кои знаат да ги пофалат нејзините уникатни производи, но и да и остават бакшиш, и вели: кој еднаш дошол, доаѓа повторно.
„Тука сум и зиме и лете. До пред шест години додека ми беше сопругот жив преку лето три месеци одевме во Охрид, а откако останав сама не сум била таму, повеќе сум тука во Скопје“, раскажува Валентина.
Најтешкиот период бил за време на короната кога немало движење и морала да седи дома. Во тој период смислила и алтернатива за да може да заработува од својата креативност.
„Кога беше короната државата ми плаќаше придонеси бидејќи навистина беше тешко и слободно тогаш можев да затворам. Немаше движење, три месеци седев дома. Во тој период изработував и заштитни маски од текстил. Знам и да шијам, па така почнавме со една пријателка да изработувавме декоративни маски. Морав да најдам алтернатива за да заработувам“, вели Валентина и додава дека во тој период се чекале редици за маските.
Задоволна е од заработката бидејќи има за живот.
„Се заработува и се живее, меѓутоа дали било снег, дожд или сонце морам секој ден да сум тука. Нижењето оди бавно, додека дојдам да ја наместам тезгата, па да ја соберам. Кога ќе стигнам дома, повторно изработувам накит, некогаш дури спијам само три часа“, вели Валентина.
Понекогаш изработува по нарачка, за накит кој муштериите го виделе на интернет или во некое списание, вели тоа многу ме исполнува бидејќи изработката е уникатна.
Наутро доаѓа во 11 часот на улица Македонија. Во зима седи до 17 часот, а во лето бидејќи денот е поголем до 19 часот. Додека продава накит и минувачите застануваат да разгледаат и купат, таа изработува нови уникатни парчиња.
Валентина вели: Не се срамам од тоа што го работам, а години воопшто не ги кријам мои си се.
Габриела Додевска