Болно ми е сеќавањето на мечот против Динамо на „Максимир“ кога почна распаѓањето на СФРЈ, вели во интервју Дарко Панчев

Поранешниот македонски фудбалер Дарко Панчев во интервју за хрватски Индекс зборува за деталите од неговата кариера, моменталната состојба со фудбалот во Македонија, како и за приватниот живот.

Инаку главна асоцијција за Панчев на ју просторите е пеналот против Марсеј, со кој и ја донесе титулата европски првак на Црвена звезда.

Панчев зборуваше и за тоа како се запознал со Жељко Ражнатовиќ Аркан.

„Се запознав со Аркан, што е логично бидејќи тој беше лидер на Дели. Слични фанови како него имаше насекаде. Но, да, се чини дека сепак беше нешто поинаков“, изјавил Панчев.

Тој во интервјуто зборува за тоа како стигнал на Маракана и покрај добрите понуди од другите тимови од славната „голема четворка“.

„Драган Џајиќ градеше нов тим, донесе многу талентирани млади играчи, таму бев и јас. Точно е дека ме сакаа Динамо, Партизан и Хајдук, ми понудија подобри услови од Звезда, пред се сплитската, но јас бев навивач на Звезда и му дадов збор на Џајиќ. Донесов добра одлука, станав шампион на Европа со Звезда и тоа е доказ дека југословенскиот фудбал беше на високо ниво“, вели поранешниот фудбалер Панчев.

Тој се присети што можеше да биде Звезда да немаше војна. Пред да настане војната во клубот се зборувало за доаѓањето на Шукер, Бокшиќ и други во тоа време славни фудбалери. Но потоа се случила војната, санкциите и се се распаднало. Звезда во тоа време добил забрана за настап на „Маракана“ и тоа имало поразително влијание врз тимот.

„Да игравме европски натпревари во Белград, сигурен сум дека уште еднаш ќе станевме шампиони на Европа“, вели Дарко Панчев.

Болно сеќавање за него е мечот против Динамо на „Максимир“ кога според многумина почна распадот на СФРЈ.

„На тој стадион играв и претходно во дресот на Вардар и Звезда и никогаш немаше никакво нарушување. Тој ден некој јасно планирал тоа да се случи. Отпрвин бев шокиран, а потоа загрижен, но не се плашев. Обезбедувањето беше таму, играчите на Динамо застанаа покрај нас. Кога се смири ситуацијата останавме со играчите на Динамо и малку поразговаравме. Се поздравивме и се разделивме. За жал“, се сеќава Панчев.

Најмногу го погодило тоа што репрезентацијата на Југославија немала шанса да настапи на Европското првенство во 1992 година.

„Бевме први во тие квалификации, на седум натпревари постигнав 10 гола. Момците одиграа феноменално, да не беа тие санкции, сигурен сум дека убедливо ќе го освоевме шампионатот. Сите бевме неправедно казнети, кога ќе помислам на сите тие играчи и прекрасни момци, срцето ми се кине. Ми остави голема лузна“, вели Панчев.

Scroll to Top