Данило Брестовац, актуелниот селектор на младата ракометна репрезентација на Македонија, потпиша тригодишен договор со „Металург“. Со ова тимот од Автокоманда стави крај на ерата на Лино Червар, откако хрватскиот тренер минатата сезона речиси и не се појави во клубот.
На промоцијата Брестовац му се заблагодари на сопственикот на „Металург“ што по три години повторно го вратил во клубот.
„Не сум магионичар, не сум Дејвид Коперфилд и поради тоа не можам да ветам чуда. Можам да ветам напорна работа. Можам да ветам дека ‘Металург’ ќе остане лидер во регионот во работата со младите категории, од кои би профитирале македонскиот ракомет и репрезентацијата. Искуството од Шамбери и современите методи ќе се обидеме да ги примениме тука за да можеме да продуцираме квалитетни играчи“, рече Брестовац.
Данило Брестовац пред четири години му беше помошник на Лино Червар во „Металург“, па две години работеше како помошник на Ивица Обрван во францускиот „Шамбери“, а лани беше тренер во „Диферданж“ од Луксембург.