Манекенката и бизнисменка Дунавка Трифуновска, која на „Мис гранд интернешнл“ во Азија ја преставуваше нашата земја, деновиве се одмора во Охрид. Таа вели дека тука секогаш го наоѓа духовниот мир, дека ужива да ја гледа полната месечина и природните убавини на градот и дека особено ужива навечер кога ја слуша музиката што доаѓа од плажите. Во септември заминува за Африка, каде што ќе оди вторпат.
„Пред да заминам за Африка сакам да одморам малку во Охрид зошто ние го имаме најубавото езеро на Балканот со најубаво зајдисонце. Тука сум смирена, уживам и многу читам. Сакам бестселери, како што е книгата на Малала, „Пакистанка“, која доби Нобелова награда. Вистинска автобиографска книга која ме воодушеви и долго време барав слична таква“, открива фармацевтката и модел Дунавка Трифуновска. Охрид, вели таа, ѝ доаѓа како место каде што ги полни батериите пред да замине за Африка.
„При првата посета на Африка најмногу впечаток ми оставија Александрија, христијанската култура и една забава на Нил. Тука се и пирамидите и, сè на сè, Африка ми го промени животот. Спиевме во еден замок во чиј двор беа пирамидите. Неверојатно нешто“, раскажува Дунавка. Таа вели дека се подготвува за настап на уште еден свески избор за убавина кој не сака сè уште да го открие.
А сега е фокусирана и на специјалистичкиот труд по фармација во Белград. За љубовта вели дека секогаш сака да зборува. „Од мала сум сакана. Ако го прашате татко ми дали имам момче, ќе рече: Ех, момчиња колку сакаш. За љубовта секогаш има време и треба да се најде вистинската. Но, јас сега сум преокупирана со нешто друго, минатиот месец првпат станав тетка, се роди мојата внука Ника, која ни е радост во семејството“, открива Дунавка.
(А.Г.)