Двајца Македонци трчаа на маратонот во Токио

На маратонот во Токио, еден од шесте најголеми маратони во светот, трчаа двајца Македонци, Атанас Наумов и Ангел Арнаудов. Трката се одржа на 25 февруари, а патеката со должина од 42.195 километри ја истрчаа над 40.000 маратонци.  Интересот за овој маратон е огромен, а добивањето дозвола за учество за истиот е вистинска реткост. Нашите двајца претставници успешно ја завршија трката. Наумов го истрча маратонот за 3 часа и 7 минути, а Арнаудов истрча за 4 часа и 48 минути.

„Ова е мојот петти голем маратон, а прв годинава. Подготовките ги почнав во декември и се спремав солидно. Маратонот во Токио е со најдобра организација што сум ја видел досега. Волонтерите постојани ни помагаа и за време и по трката. Рутата на маратонот е низ сите туристички атракции и архитектонски чуда. Улиците беа полни со публика за бодрење, а самата публика ти дава енергија кога си веќе исцрпен. Јас сум презадоволен од крајното време. Секој напор вреди кога ќе го добиеш медалот на крај“, рече Наумов за „Репортер“.

Ангел Арнаудов

Ист впечаток има и Ангел, кој вели дека маратонот во Токио би го трчал секоја година.

„Неверојатен град, неверојатен маратон, огранизација, публика. Искрено, не очекував да биде поинаку кога организираат Јапонци. Задоволен сум со резултатот, имам некоја мала повреда, па се чувам за мојот последен шести голем маратон во Бостон во април. Тоа ќе биде круна на целиот мој труд вложен во маратонското трчање“, ни рече Ангел.

Атанас Наумов

Атанас имаше и прием кај македонскиот амбасадор во Токио, нејзината екселенција д-р. Андријана Цветковиќ.

„Посетата кај амбасадорот беше огромна чест за мене. Разговараме за маратонот, за спортот, за тоа како е претставена Македонија во Јапонија. Разговаравме и за следните Олимписки игри во Токио 2020“, се присети Наумов.

Ангел и Атанас имаат пет медали од настапите на најголемите светски маратони (Њујорк, Лондон Берлин,Чикаго и Токио). Им останува да ги истрчаат уште маратонот во Бостон и да ја комплетираат листата од шест маратони.

Scroll to Top