Филипче: Лекарите правеа напори, но Вучиќ имаше тешки оштетувања на белите дробови

Министерот за здравство, Венко Филипче, преку „Фејсбук“ потврди дека музичарот и водител Драган Вучиќ почина од корона. Тој напиша дека здравствената состојба на Вучиќ се влошила пред осум дена и дека имал тешки оштетувања на белите дробови.

„Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и ТВ-водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и оттогаш е лекуван на оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочувство до семејството и блиските“, напиша министерот Филипче.

Вучиќ почина на 65-годишна возраст. Тој беше композитор на бројни хитови како „Свирете ја Зајди Зајди“, „Ангели ме носат“, „Кажи ѕвездо“ а во 2005 ја компонираше песната „Make My Day“ со која неговиот син, Мартин Вучиќ, ја претставуваше Македонија на Евровизија. Во 90-тите беше пејач на поп-фолк групата „Кода“. Познат е во јавноста и по бројните емисии и квизови како „Вашите пет минути“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“ и други.

Почина Драган Вучиќ

Scroll to Top