Веста за автобуската несреќа што се случи ноќеска во Бугарија и во која загинаа најмалку 45 македонски државјани, а меѓу загинатите и 17 деца, утрово ја потресе јавноста. Тешката несреќа се случи ноќеска малку по два часот по полноќ на магистралата „Струма“, во близина на Перник, и само 7 лица се спасени и пренесени во болница. Според првите информации, автобусот е на фирмата „Беса транс“,
Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Утрово, на својот фејсбук-профил се огласи и Сузана Турунџиева, која исто така беше во Истанбул заедно со Атиџе Муратова, па многумина мислеле дека и тие биле во автобуот што изгоре на автопатот во Бугарија.
„Утрово, како никогаш до сега, телефонот ѕвонеше и известувања стигаа на секои 2-3 секунди. Атиџе и јас сме добро и безбедни сме. Ви благодариме за грижата. Многу нѐ потресе веста за големата трагедија во која настрадаа наши и странски државјани и искрено сочувствуваме со семејствата на настраданите. Бог да им дава сила да ги издржат овие тешки денови“, вели Турунџиева, која овие денови беше во Истанбул со Атиџе, од каде што постојано споделуваа фотографии.
Од Истанбул се враќале четири автобуси во колона со патници што биле на екскурзија. Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија по што го продолжил патот за еден час подоцна да се случи несреќата.